За време на претресот на куќата на момчето кое уби десет лица во неговото поранешно училиште во Грац, а потоа извршил самоубиство, истражните екипи пронашле проштално писмо и нефункционална цевна бомба, соопшти денес локалната полиција.
На жртвите од трагедијата денес им се оддава почит со минута молчење, а се верува дека вчерашниот напад врз гимназијата во Грац бил најсмртоносниот во Австрија по Втората светска војна.
Напаѓачот, 21-годишен маж, живеел во близина на Грац и е поранешен ученик на училиштето каде што го извршил масовното убиство, но никогаш не го завршил тоа училиште.
Полицијата соопшти дека напаѓачот користел два вида оружје, пушка и пиштол, за кои тврдат дека ги поседувал легално.
Полициски службеник доцна синоќа потврди дека во куќата на напаѓачот е пронајдено писмо адресирано до неговите родители, но дека тоа не ѝ дозволило на полицијата да извлече заклучоци за мотивите на нападот.
Директорот за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи на Австрија, Франц Руф, за телевизијата „ORF“ изјави дека не е познато дали напаѓачот ги нападнал жртвите на целен или случаен начин и дека сè уште се истражува.
Тој додаде дека ранети лица се пронајдени на неколку места во училиштето, а едно е пред училишната зграда.