Пронајдена црната кутија на авионот кој се урна во Непал

Сподели со своите пријатели

Авион со 72 патници се урна во неделата во Непал. Пронајдени се телата на 68 лица, а потрагата по четворица е во тек. Ројтерс јавува дека била пронајдена и црната кутија.

Loading...

Претставник на локалната полиција изјави за Ројтерс дека потрагата по телата на патниците на „Јети ерлајнс“, која беше прекината поради темнината во неделата навечер, продолжи утрово.

„Ќе ги извадиме петте тела од клисурата што не беа извлечени и ќе ги бараме останатите четири кои се водат како исчезнати. Останатите 63 тела се испратени во болница“, изјави полициски претставник.

Официјални лица од аеродромот во Катманду објавија дека е пронајдена и црна кутија во која имало диктафон од пилотската кабина и податоци за летот.

Во авионот, кој од главниот град Катманду во Покара, имало 57 непалски државјани, петмина Индијци, четворица Руси, двајца Јужнокорејци и по едно лице од Аргентина, Ирска, Австралија и Франција.

Во Непал поради трагедијата за денеска е прогласен ден на жалост, а формиран е и експертски тим кој ќе ја испита несреќата и ќе предложи мерки за да се избегнат вакви инциденти во иднина.

Од 2000 година, речиси 350 луѓе загинаа во авионски или хеликоптерски несреќи во Непал, дом на осум од 14-те највисоки планини, вклучувајќи го и Монт Еверест, каде што честите ненадејни промени на времето може да создадат опасни услови за летање.