Маркетинг стратегијата за промоција на стариот урбан стил на живот како наследство за туризмот и прекуграничниот регион денеска беше промовирана во Куманово во рамките на проектот „Заедничка историја и култура – мост преку границите“.
Станува збор за прекуграничен проект во кој Општина Куманово од Македонија и Општина Дупница од Бугарија работат на промоција на овој вид туризам. Проектот има за цел презентирање и популаризирање на наследството на градскиот стил од крајот на 19 и почетокот на 20 век во прекугрничниот регион.
Во рамките на истиот проект е предвидена реконструкција на поранешен Хотел „Солун“ во Куманово.
Како што рече Младен Мицевски, од здружението „Туристика“, денешната дискусија ќе придонесе да се извлечат многу повеќе заклучоци од оние веќе внесени во самата стратегија.
– Овој проект е навистина одлична можност, од наша страна ние така го гледаме, за развој на туризмот односно давање на некој дополнителна вредност на туризмот во овој регион, но чинителите што ќе бидат оставени понатаму тоа да го направат се многу значајни така што во овој момент сме на овој тренинг презентација на маркетинг стратегијата со чинители од Североисточниот плански регион, но и со партнерскиот регион на овој проект од Република Бугарија, изјави Мицевски.
Ковид пандемијата нанесе голем удар за туризмот, вели тој, и додава дека „мора заеднички да испловиме на површина и да продолжиме понатаму кон рестартирање на туристичката приказна и да продолжиме кон целење на некои повисоки достигнувања“.
– Самиот проект за кој денеска беше промовирана маркетинг стратегијата, воедно предвидува и реконструкција на старата зграда на некогашен хотел „Солун“ тука во центарот на Куманово. Со тоа објектот ќе добие целосно нов лик и ќе биде претворен во културен објект во кој ќе биде претставен стариот градски живот на прекуграничниот регион, изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции при Општина Куманово.
Вредноста на проектот е 480.000 евра, средства кои ќе се бидат распоредени за двата партнери Куманово и Дупница.
Никола Ивановски