Четвртиот серијал од документарниот филм „Соколана нашата гордост“ вчеравечер беше промовиран во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Проектот е во изработка на спортскиот новинар Марјан Стошевски, кој долги години известува за сите спортски настани во Куманово.
Целта на Стошевски е постарите генерации да се присетат на најубавите моменти за кои сведочи комплексот Соколана, а младите да дознаат за богатото минато на најголемиот спортски објект во градот каде се одиграле најголемите турнири и натпревари во историјата. Идејата новинарот ја добил пред 12 години, кога ја напишал и монографијата „Соколана нашата гордост“ наслов кој го носи и неговиот документарен филм.
– Кога работев за Соколана не беше многу лесно, истражував, се трудев да ги најдам оние најважни податоци за Соколана, но верувајте ми не беше лесно, бидејќи многу актери имаат починато, многу документи имаат исчезнато, меѓутоа благодарение на многуте стари сограѓани кои ми помагаа и еве на еден начин успеав да го реализирам оваа дело. Оваа дело на некој начин претставува исполнување на една морална обврска кон постарите генерации кои биле партиципиенти во Соколана, но и обврска за овие сегашни генерации да го почувствуваат и негуваат делото за историската улога на Соколана, рече Стошевски.
Loading...
Стошевски не планира да застане тука, неговата идеја за оживување на спомените од овој спортски комплекс ќе продолжат и во петтиот серијал, за кој вели дека можеби ќе биде и најдобриот, со оглед на тоа дека ќе се однесува на незаборавните кошаркарски турнири кои се одиграле на овој спортски терен.
На промоцијата присуствуваа и се обратија голем број личности од сферата на спортот и културниот живот на Соколана во текот на историјата на овој монументален објект, а свое обраќање имаше и градоначалникот Максим Димитриевски.
Изградбата на соколскиот дом во Куманово започнала со полагање на камен -темелникот на 28 јуни 1923, и со повремени прекини, траела до крајот на 1930 година, при што се потрошени околу 1,200.000 динари. Најголемиот дел од средствата биле од доброволните прилози на населението и од приходите од сопствените активности. Од надлежните министерства и Дворот на кралот добиена е помош од 40.000, од Општината 30.000 и Скопската жупа 7.000, а земен е и заем 150.000 динари од Народната хипотекарна банка, кој не бил исплатен до 1941 година. Со голем труд и упорност на управите на Соколското друштво, Куманово се здобило со голем, монументален соколски дом кој за кој новинарот Стошевски денес прави ретроспектива на спортските настани кои се одиграле таму.