Промоција на книгата „Координати на болката“ во Куманово

Сподели со своите пријатели

По официјалната промоција во Скопје, претставувањето пред прилепската и велешката публика, втората поетска збирка на Александра Спасеска, „Координати на болката“, ќе биде промовирана во Куманово.

Loading...

Читачката промоција ќе се одржи на 29 ноември (петок) од 19:30 часот, во соработка со Книжевен клуб на град Куманово, во просториите на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. „Координати на болката“ ќе ја промовира уредничката на „Илика“ Катерина Шекутковска, низ разговор со авторката. Публиката се охрабрува да се вклучи во дискусијата.

Илустрациите во книгата се на визуелната уметница Марија Конеска, која соработуваше со авторката и на нејзината прва книга, „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе] (2023, ПНВ Публикации).

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец физички ја нападнал својата сопруга

Поетесата Д.А. Лори за збирката вели: „(…) она што најмногу остава впечаток е дека Александра Спасеска храбро патува кон себеси; постојано се бори со стравот да биде разоткриена, разголена пред другиот и успева да ја добие таа битка, го победува стравот.“

„Како и во претходната стихозбирка, така и во оваа, Спасеска го задржува архаичното и архаичниот јазик, како и односот со македонските поетски класици Блаже Конески и Анте Поповски. Но, за разлика од ‘Прости песни’ каде што архаичното и традицијата се присутни сами по себе, во ‘Координати на болката’ архаичното е ставено во функција на урбаното, традицијата е ставена во функција на модерното, па Спасеска прави фузија меѓу овие две страни и ја издигнува својата поетика на едно ново и различно рамниште, па пее и за градот и за снаоѓањето во него, за домот, за војната, вселената, ноќта“, вели поетот и културен работник Андреј Медиќ Лазаревски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Новосељане – село населено уште од римско време

„Уште на корицата од книгата се забележува соголувањето на поетесата до сѐ она кое може (сака) да го избие од себе со помош на уметноста. За разлика од првата книга во која директно појде да ги искаже сите прашања за човечкиот идентитет: родовиот, сексуалниот, националниот, Спасеска во оваа книга ни ги претставила точките, оние координати кои нѐ насочуваат кон одговорите (проблемите) од првата стихозбирка. Оттука и важноста на оваа книга да ја преточи податливоста на првата збирка“, ќе рече Стефан Спасовски во освртот кон книгата за Култура Бета.

Интегрално соопштение