Во фоајето на Центар за култура „Трајко Прокопиев“-Куманово, на 09.09.2022 година со почеток во 18 часот ќе се одржи промоција и презентација на книгата „Сакав да ти кажам“ од Лира Бојку.
Книгата раскази ќе ја промовира Љатиф Мустафа, модератор на настанот е Арѓира Елмази.
Покрај убавата книжевност настанот ќе биде збогатен со музичка изведба на пијано од страна на Фатљум Алиу и Велмира Алиу.
Книгата е објавена паралелно на два јазика македонски и албански јазик.
Лира Бојку е родена 1990 година во Скопје каде и денес живее и работи. Како што и самата ќе рече дека нејзината љубов кон пишувањето и , читањето растела заедно со неа.
Авторка е на книгите „Црвени Чевли“, „Љубов во машина за перење“, „Љубов на генерал Ш“. Учесничка на многу литературни средби и настани.
„Писателката Лира Бојку во „Сакав да ти кажам“, всушност, ја воспева љубовта која е и нејзин стожерен мотив, а тоа го прави со доживеаност и јасност, преку разидување или спојување во животот, тема која, од авторска страна гледано, никого не го одминува. Но, сепак, во својата основа на гледиштето, ги допира хуманоста и добрината, разбирањето и човечноста, обидувајќи се да ја разбранува и совеста на сета цивилизација. Од расказ во расказ, заплетено и непредвидливо, преку современа проза, Лира Бојку ќе допре и ќе навлезе во суштината на бројни теми кои се составен дел на животот. Но и кои секого ќе го заинтересираат. Не помалку ќе го привлече вниманието и со својата поезија во која ќе се искаже јасно и гласно, стегнато и рационално, метафорички ударно и допадливо, така што читателот ќе го стави уште пред една дилема: со што повеќе ќе го освои, со поезијата или со прозата? Безрезервно би додал: и со едното и со другото. Ќе го придобие со мудроста и со поетскиот приод и во поесните и во расказите. Во секој расказ се влегува преку жив дијалог и песна, преку мото во стихови, а на тој начин и на читателот му се отвора врата и влегување во раскошна соба која, преку динамична поезија и проза од нашево време ќе му ја открие вдахновената Лира Бојку. Таа, во ниеден момент не е здодевна и монотона, туку динамична и непредвидлива како раскажувач, а непатетична, непосредна, но многу сугестивна како поетеса: Ќе тргнам со ноќниот воз до твоето срце/ Доаѓам со куферот полн со цвеќиња и цимет/ Исчисти ја прашливата соба/ Таму ќе презимам и ќе ти ја направам пролет…
Она што остава посебен впечаток и белег, умеење и знаење, тоа е фактот што Лира Бојку, ако пишува на својот мајчин албански, сама преведува и препејува и на македонски јазик, што е реткост. И тоа со сите особености и нијанси на двата јазика. Така е и со оваа книга „Сакав да ти кажам“, (озаглавена преку наслов на една од песните во неа.) Тоа е и доблест и умеење, и образованост и поткованост, но и познавање на својот видокруг и мотивската материја. Тоа ја прави интелектуалец, арно ама и исклучителен автор во подем на два народа кои живеат во заедница. А и со право ќе очекуваме да ни остава вредни дела кои подеднакво добро ќе ја претставуваат и пред албанската, но и пред македонската читателска публика. Нејзините нови наслови допрва ќе дојдат.“ (Горјан Петревски)