Претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски одговори на прес конференцијата во кое беше прозван од страна на градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски. Во продолжение интегрално ви го пренесуваме дописот од Наумоски, кој на самиот почеток јасно му порачува на Дамјановски да не го меша спортот во политиката.
Не знам со каква реакција вас ве имам навредено и не знам зошто мешате политика и спорт?! Дали очекувавте по барањето на играчот за раскин на договор и доказите што го поднесовте по барање на Комисијата да ви бидат прифатени како валидни, кога сите знаеме дека се направени дополнително или пак можеби во минатото сте имале такви искуства со луѓето од федерацијата, па истото го очекувавте и овој пат? Сега треба да знаете дека не само за Вас, туку за ниту еден од клубовите јас лично нема да дозволам фалсификат документ по кој било основ да помине како валиден. Дали очекувавте и дали мислите дека еминентни стручњаци од правната фела коишто се членови на двете комисии при МКФ, Регистрациската и арбитражата, со нивното долгогодишно искуство и реноме можам јас како Петар Наумоски да влијаам врз некоја правда односно неправда и на тој начин да им ги погазувам нивните дипломи знаење и искуство?! Очигледно не го знаете кој е Петар Наумоски и на кој начин функционира. Затоа уште еднаш би ви препорачал да политиката и спортот не помислувате да ги мешате, затоа што спортот не се меша во политиката! Мене не ме бирале граѓаните на Република Македонија на коишто вие се повикувате. Мене ме бирале кошаркарски клубови и институции и тие истите само пред три месеци ми ја дадоа целосната поддршка со уште поголем број на гласови отколку пред 22 месеци. Од тие причини сметам дека цел овој период поминат на оваа позиција чесно, домаќински и исклучително во интерес на кошарката се случуваат голем број на реформи со кои кошарката конечно ќе тргне во вистинскиот правец и излезе од кризата во која се наоѓа последните неколку години. Единствен орган кој може да ме смени мене е Собранието на МКФ односно неговите членови. Срдечен поздрав, Петар Наумоски, претседател на Македонската кошаркарска федерација, стои во дописот од Наумоски.
За потсетување, иницијална каписла за овие преписки со писма и соопштенија беше спорот помеѓу Данило Мијатовиќ и Куманово ,кој како медиатор го реши МКФ и му додели слобода на српскиот интернационалец, кој потоа се пресели во МЗТ Скопје.