Продажбата на нафта од Венецуела во САД продолжува на неодредено време

Сподели со своите пријатели

Продажбата на нафта од Венецуела во САД ќе продолжи на неодредено време, а американските санкции против таа земја ќе бидат намалени, објави денес CNBC, повикувајќи се на извори блиски до Белата куќа.

Изворите наведоа дека продажбата на 50 милиони барели санкционирана нафта од Венецуела во Соединетите Американски Држави, како што објави американскиот претседател Доналд Трамп, ќе биде само првата транша и дека продажбата ќе продолжи на неодредено време.

„Санкциите на САД ќе бидат укинати како дел од договорот“, рекоа изворите.

Трамп во вторник изјави дека Венецуела ќе предаде 30 до 50 милиони барели санкционирана нафта за продажба по пазарни цени.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп бара зголемување на воените трошоци на 1,5 трилиони долари

„Тие пари ќе бидат контролирани од мене, како претседател на Соединетите Американски Држави, за да се осигурам дека се користат во корист на народот на Венецуела и Соединетите Американски Држави“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.

Санкционираната нафта требаше да биде испратена во Кина, но ќе биде пренасочена кон САД.

Трамп рече дека бродовите ќе ја транспортираат нафтата директно до пристаништата за истовар во САД.

Венецуела, членка основач на ОПЕК, има најголеми резерви на сурова нафта во светот.

Но, според компанијата за енергетски консалтинг „Кплер“, произведува само околу 800.000 барели дневно.

Спротивно на тоа, САД моментално произведуваат околу 13,8 милиони барели дневно.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Германскиот претседател: САД го уништуваат светскиот поредок

Поголемиот дел од нафтата на Венецуела се извезува во Кина.

Трамп рече дека американските инвестиции во нафтениот сектор на Венецуела се главна цел на воена акција против таа земја.

Тој ги повика американските нафтени компании да ја обноват енергетската инфраструктура на Венецуела.