Граѓаните на ЕУ купиле повеќе електрични автомобили отколку автомобили со дизел мотор во јуни, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили – ACEA во средата.
Електричните автомобили за прв пат ги надминаа дизел автомобилите, соопшти здружението.
Со 158.252 регистрации, новите електрични автомобили постигнаа пазарен удел од 15,1 отсто во јуни.
„Тоа ги позиционира електричните автомобили со батерии како трет најпопуларен избор на луѓе кои купуваат нов автомобил, пред дизел автомобилите за прв пат“, според ACEA.
Дизел автомобилите имаа пазарен удел од 13,4 отсто, според белгиската новинска агенција Белга.
Автомобилите на бензин биле најпопуларен избор при купување на личен автомобил (36,3 отсто удел на пазарот), а потоа следат хибридните електрични автомобили (24,3 отсто), пренесува Бизнис.ба.
Во првата половина на 2023 година, во ЕУ се регистрирани повеќе од 5,4 милиони нови приватни автомобили, 18 отсто повеќе отколку во истиот период во 2022 година.
„Напредокот во последните неколку месеци покажува дека европската автомобилска индустрија се опоравува од прекините на синџирот на снабдување предизвикани од пандемијата Ковид-19. Сепак, бројките се сè уште за 21 отсто пониски отколку во 2019 година“, се вели во соопштението на ACEA.
Во Белгија се регистрирани 264.475 нови приватни автомобили во првата половина од годината, над 35 отсто повеќе отколку во првата половина на 2022 година.