Триесет и тригодишен кумановец вчера бил приведен откако бил баран поради подигање пари со туѓа картичка. Во меѓувреме признал уште низа кривични дела.
– На 16.12.2021 во 15.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Г.П.(33) од Куманово, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што појаснуваат од полицијата, за него бил распишан централен распис од ЕВР Кисела Вода, поради сомнение дека на 12.10.2021 од банкомат во маркет на улицата ,, Ѓорги Димитров” во Скопје без овластување подигнал пари со картичка на женско лице од Скопје.
Во службен разговор во полициска станица тој го појаснил делото, истовремено признавајќи дека сторил уште пет кривични дела во текот на овој месец во маркети и други продажни објекти на територијата на Куманово, од кои едно „тешка кражба“ и четири „кражби“.
По целосно документирање на случаите против него ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Никола Ивановски