Триесетгодишен кумановец бил приведен денеска под сомнение дека се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина на натпреварот Македонија – Романија.
– Денеска, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок, велат од Министерството за внатрешни работи.
Како што додаваат од МВР, во врска со кошаркарскиот натпревар и навредливото скандирање, досега биле повикани неколку осомничени лица на службен разговор.
– По извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки, велат од МВР.
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски миленици, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
– Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања врз база на национална, етничка или верска припадност и тоа ќе биде најстрого санкционирано, без никаква толеранција, стои во соопштението.
Никола Ивановски