Израел ослободи уште 33 палестински затвореници, од кои 30 деца, како дел од четвртата размена на заложници според договорениот прекин на огнот.
Израелската затворска служба објави дека затворениците биле ослободени од затворот Офер на Западниот Брег и од притворниот центар во Ерусалим, со што вкупниот број на ослободени Палестинци од петокот се искачи на 150, пишува Гардијан.
Ројтерс јавува дека 30 деца и три жени се ослободени, додека АП пренесува дека автобус на Црвениот крст со ослободени палестински затвореници утринава пристигнал во Рамала.
Претходно, десетици Палестинци вееја палестински знамиња, како и знамињата на Хамас и Исламски џихад се собраа пред израелскиот затвор Офер, во близина на Рамала на Западниот Брег, чекајќи ослободување на нова група Палестинци.
Хамас доцна во понеделникот ослободи 11 израелски заложници од Појасот Газа, соопшти израелската војска.
Како што јавија израелските медиуми, станува збор за две жени и девет деца, од кои две се на возраст од три години.
Четиридневниот договор за прекин на огнот требаше да истече денеска, но Катар, кој дејствува како посредник, рече дека Израел и Хамас се договориле да го продолжат примирјето за уште два дена.