Примероците од коса на тројца американски претседатели ќе бидат лансирани во длабоката вселена кон крајот на овој месец, пишува „Хјустон хроникл“.
Според весникот, станува збор за примероците од косата на Џон Кенеди, Двајт Ајзенхауер и Џорџ Вашингтон кои ќе бидат на летот во длабоката вселена.
Мисијата ќе ја организира „Целестис“, компанија специјализирана за испраќање кремирани останки и примероци од ДНК во вселената.
– Апсолутно е изводливо, од научна гледна точка, идните истражувачи да можат да ја пронајдат оваа летечка капсула и да проучат што има внатре. Веруваме дека им оддаваме признание на тројцата претседатели – изјави претседателот на компанијата Колби Јангблад.
Покрај примероците од косата на поранешните претседатели на САД, во летот ќе бидат вклучени и пепелта на креаторот на серијата „Ѕвездени патеки“ Џин Роденбери, неговата сопруга Мајел Барет Роденбери и примерок од ДНК од нивниот син.
– Многу сме задоволни што со оваа мисија ќе го исполниме ветувањето што ѝ го дадов на Мајел Барет Роденбери во 1997 година, дека еден ден заедно со неа и нејзиниот сопруг, креаторот на „Ѕвездените патеки“ Џин Роденбери, ќе летаме на спомен-лет во длабока вселена – изјави извршниот директор на компанијата Чарлс Чафер.