Изморените патници низ Бело Поле, крај селото Степанце, често застанувале да се одморат и освежат на „Бојков кладенец“, но за него е сврзан еден интересен настан.
Пред скоро два века, селанецот Бојко од селото Кокино (маала Каленичарци – Грци) отишол на печалба во Стамбол и минувајќи пред турскиот затвор, некој чукнал на еден од прозорците и го прашал:
– Од каде си бе момче?
– Од Кокино.
– Како се викаш?
– Бојко.
– А, и јас се викам Бојко – се претставил еден стар робијаш. – Но, ја знаеш ли водицата крај едно криво врпче во степанско Бело Поле? – додал.
Бојко од Кокино потврдно одговорил, а робијашот Бојко продолжил.
– Е, до тоа криво врпче има грамада камење и во неа котле пари, ќе одиш и ќе си ги земеш. Ако некогаш се вратам, братски ќе делиме, ако не, нека ти е просто, а на таа водица веднаш да изградиш убав кладенец и да кажеш да се вика „Бојков кладенец“.
Кога Бојко се вратил во Кокино, отишол во Бело Поле и ги нашол парите, па потоа ја купил целата Орваница крај Пчиња, отворил свој дуќан и меана и станал голем богаташ.
По неколку години стариот робијаш Бојко се вратил во Куманово и прашал за селанецот Бојко од Кокино и откако дознал каде се наоѓа, отишол во Орваница и отседнал три-четири дена во Бојковата меана. Газдата Бојко од Кокино го прашал:
– Добро, рече дедо, неколку дена ти седиш овде, јадеш, пиеш, ни нешто кажуваш, ни плаќаш…
– Па добро бе Бојко – рекол стариот бивш робијаш Бојко, а што ти кажав во Стамбол од затворот, се сеќаваѓ ли?
– Мрш, куче едно – му рекол Бојко од Кокино, што си ми кажал, ништо! – па зел едно дрво и го претепал.
Старецот уште истиот ден тргнал низ реката Пчиња и стигнал до селото Војник и умрел, а по кратко време дошле некои Албанци и го убиле Бојка од Кокино и го издробиле парче по парче, па отише неговите браќа, чичовци и дедовци и во вреќа го собрале неговото тело и го вратиле во селото Кокино, а оттогаш Орваница ја присвоиле Албанците.
Извор: „Наш весник“ – 15 март 1970 година