Кумановската публика вечерва повторно ќе има можност да ја погледне претставата „Прво лице еднина“, која по барање на гледачите се враќа на сцената во обновено, проширено и уште посилно издание.
Изведбата ќе се одржи вечерва во 19 часот, во мала сала на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Билетите можат да се подигнат на билетарата во Центарот за култура од 10 до 14 часот и од 17 до 20 часот, по принципот прв дојден – прв услужен.
Монодрамата, во изведба на младата актерка Владанка Крстевски, носи силна, емотивна и општествено важна порака.
Крстевски вели дека претставата, иако базирана на женски ликови, зборува за универзални човечки приказни кои допираат и до мажите.
„Околу нас има многу жени кои секојдневно се борат и работат по 12 часа дневно. Жртвуваат сè за своите семејства, за своите деца, за подобар живот, а никој не зборува за нив. Ова е претстава токму за тие жени. Ние денеска сме ќерки, утре ќе бидеме мајки и сакаме поддршка, бидејќи не знаеме каде ќе нè однесе животот“, вели Крстевски, наведувајќи дека инспирацијата ја црпи од книгата „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“, која претставува галерија на жени што направиле многу за светот, но останале на маргините.
Режисерката Драгана Гунин додава дека делото е посветено на жените од сите социјални слоеви, но нејзината порака е универзална.
„Во претставата зборуваме за бројни животни приказни кои никој не ги знае, а се еднакво инспиративни. Во неа можат да се пронајдат и мажите, бидејќи сите зборуваме за исполнување на соништата и за потребата нашата приказна да биде чуена. Иако наративот е претставен преку жените, суштинската порака е за сите луѓе“, вели Гунин.
Настанот е поддржан од Општина Куманово. Публиката ќе има можност да доживее ново, надградено и емоционално моќно издание на претставата што веќе остави силен впечаток кај гледачите.
Претставата, продукција на Театар Куманово, учествуваше и на Интернационалниот камерен театарски фестивал во Хановер, Германија.

