Претпазливост на Волстрит пред извештајот за инфлацијата во САД

Сподели со своите пријатели

На Волстрит се тргува претпазливо бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат премногу ризици пред извештајот за инфлацијата во САД, што би можело значително да влијае на насоката на пазарот во наредните денови.

Loading...

Dow Jones зајакна 0,29 отсто, на 33.684 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет, на 4.108 поени, а индексот Nasdaq ослабе за 0,43 отсто, на 12.031 поен.

На најголемата светска берза има претпазливост бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред американскиот извештај за инфлацијата, кој ќе биде објавен во четврток и кој би можел значително да влијае на насоката на пазарот.

Во анкетата на Ројтерс, аналитичарите проценуваат дека во март потрошувачките цени пораснале за 0,2 отсто на месечно ниво и за 5,2 отсто на годишно ниво, што би било значително забавување во споредба со 6 отсто во претходниот месец.

Базичната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, според проценките би можела да се зголеми за 0,4 отсто на месечно ниво, а за 5,6 отсто на годишна основа, што би било мало забрзување во однос на 5,5 отсто еден месец претходно.

Тој извештај ќе влијае на очекувањата на инвеститорите за каматните стапки на американската централна банка.

„Затишје пред бура“

Сега на пазарот на пари се проценува дека има 67 отсто шанси ФЕД да ги зголеми клучните каматни стапки за дополнителни 0,25 процентни поени на сесијата во мај, додека минатата недела тие шанси беа помали од 50 отсто.

Во вториот дел од трговската сесија, берзанските индекси вчера значително пораснаа, откако претседателот на филијалата на ФЕД во Чикаго, Остан Гулсби изјави дека централната банка треба да внимава да не ги зголемува каматните стапки премногу агресивно.

Loading...

Но, подоцна индексите ги загубија тие добивки.

„Ова е затишје пред бура. Податоците за инфлацијата ќе бидат објавени утре, записниците од последниот состанок на ФЕД наскоро, а потоа ќе следат квартални деловни извештаи од компаниите. Затоа, не е изненадувачки што инвеститорите се претпазливи“, вели Рајан Детрик. стратег во групацијата Карсон.

Раст и на европските берзи

Сезоната за објавување на кварталните деловни резултати на компаниите започнува на крајот на неделата, а во петок извештаите ќе ги објават три големи банки – Ситигруп, ЈПМорган Чејс и ВелсФарго, кои би можеле да дадат појасна слика за состојбата во сектор, по колапсот на неколку регионални банки во март.

Според најновите проценки на аналитичарите во истражувањето на Ројтерс, заработката на компаниите од индексот S&P 500 ќе биде за 5,2 отсто помала во првиот квартал отколку во истиот квартал минатата година, додека на почетокот на кварталот аналитичарите очекуваа заработката да порасне за 1,4 отсто.

И на европските берзи вчера поскапеа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,57 отсто, на 7.785 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,37 отсто, на 15.655 поени, а париски CAC за 0,89 отсто, на 7.390 поени.