Јапонскиот премиер Фумио Кишида остро ја критикуваше одлуката на Русија да ги прекине преговорите за мировен договор со цел формално да се стави крај на непријателствата меѓу Москва и Токио од Втората светска војна, јавува Си-Ен-Ен.
„Целата оваа ситуација беше создадена со руската инвазија на Украина, а одговорот на Русија да ја пренесе во односите меѓу Јапонија и Русија е крајно неоправдан и апсолутно неприфатлив. Јапонија би сакала да протестира против овој потег“, рече Кишида за време на парламентарната седница.
Критичарот на Путин прогласен за виновен за измама од големи размери, се бара затвор од 13 години
„Ќе се обединиме со меѓународната заедница и ќе преземеме мерки за Јапонија да може да продолжи да ги следи основите на меѓународниот поредок“, додаде тој.
Изјавата дојде откако руското Министерство за надворешни работи во понеделникот соопшти дека Москва нема намера да ги продолжи мировните преговори со „непријателска“ држава.
Министерството најави дека Москва ќе се повлече од дијалогот со Јапонија за заеднички економски активности на четири спорни острови, кои Русија ги нарекува „Јужни Курили“, а Јапонија „Северни територии“.
Москва ќе ги прекине и безвизните посети на јапонските граѓани на спорните острови, се вели во соопштението.
Јапонија започна процес за укинување на специјалниот трговски статус за Русија, рече Кишида минатата недела.
Тој, исто така, ја нарече инвазијата на Украина „историско злосторство“ и рече дека Јапонија ќе продолжи тесно да соработува со земјите од Г7 за зајакнување на финансиските санкции кон Русија.
Спорните острови беа окупирани од советските сили откако Јапонија им се предаде на сојузничките сили во 1945 година.
Се појавија несогласувања околу тоа кој ги поседува островите, што ги влоши односите меѓу двете земји, придонесувајќи за нивниот континуиран неуспех да потпишат мировен договор од Втората светска војна.