Гренланд не е на продажба, рече неговиот премиер Муте Егеде, одговарајќи на коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за „сопственост и контрола“ на арктичкиот остров кој е дел од Данска повеќе од 600 години.
„Гренланд е наш. Ние не сме на продажба ниту некогаш ќе бидеме на продажба. Не смееме да ја изгубиме нашата долгорочна борба за слобода“, порача во писмен коментар премиерот на островот Муте Егеде, пренесува Ројтерс.
Во неделата, Трамп објави дека го избрал Кен Хавери, поранешниот амбасадор во Шведска, за свој амбасадор во Копенхаген, а се осврна на статусот на Гренланд, делумно автономен дел на Данска, кој е домаќин на голема база на американските воздухопловни сили.
„Заради националната безбедност и слободата ширум светот, Соединетите Американски Држави сметаат дека сопственоста и контролата на Гренланд се апсолутна неопходност“, напиша Трамп на својата социјална платформа Truth Social.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, не даде повеќе детали.
Данското Министерство за надворешни работи и кабинетот на премиерот не беа веднаш достапни за коментар.
Данската влада мора јасно да стави до знаење дека не може да има дискусија или преговори за контрола врз Гренланд, изјави на социјалната мрежа Х данскиот пратеник Расмус Јарлов од опозициската Конзервативна партија.
„Во случај американските активности да одат во насока на преземање контрола врз данска територија, тоа мора да се спречи и да се спротивстави. Во тој случај не би требало ни да бидат таму“, изјави Јарлов, шеф на собраниската комисија за одбрана.
Островот, чиј главен град Нук е поблиску до Њујорк од данскиот главен град Копенхаген, содржи богати наоѓалишта на минерали, нафта и гас.
Сепак, тој се развива бавно, а економијата на островот зависи од риболовот и годишните субвенции од Данска.
Со оглед на воздухопловната база Питуфик, Гренланд е стратешки важен за американската војска и нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети, бидејќи најкраткиот пат од Европа до Северна Америка минува низ островот.
За време на неговиот претходен мандат, Трамп изрази интерес за купување на Гренланд во 2019 година, но Данска и властите на островот брзо го отфрлија предлогот пред да се одржат официјалните разговори.
Данската премиерка Мете Фредериксен тогаш ја нарече „апсурдна“ понудата на Трамп, а тој нејзиниот однос кон таа идеја го нарече „гаден“ и ја откажа посетата на Копенхаген.
Фредериксен се уште е премиер на Данска.
Гренланд има право да прогласи независност од Данска од 2009 година, но островот со околу 56.000 жители, кој зависи од значителни годишни трансфери од данскиот буџет, сè уште не го сторил тоа.
Исто така, во неделата, Трамп се закани дека ќе ја врати американската контрола над Панамскиот канал, обвинувајќи ја Панама за пренаплаќање за користењето на централноамериканскиот премин, за што беше остро укорен од панамскиот претседател Хозе Раул Мулино.