Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба изјави пред Генералното собрание на Обединетите нации во вторник дека признавањето на палестинската држава од страна на Токио е „само прашање на време“, додавајќи дека е „огорчен“ од неодамнешните изјави на израелските функционери.
Речиси 80 проценти од членките на ОН веќе ја признаваат Палестина, а оваа недела Велика Британија, Канада и Франција се приклучија на таа листа, по речиси две години војна во Газа, пишува France24.
– Длабоко сум огорчен од изјавите на високи израелски функционери кои категорично ја отфрлаат самата идеја за изградба на палестинска држава – рече Ишиба.
– За нашата земја, прашањето не е дали ќе ја признаеме Палестина, туку кога. Продолжувањето на едностраните потези од страна на израелската влада не може да се прифати – додаде тој.
– Морам јасно да кажам дека, доколку се преземат понатамошни чекори што го попречуваат постигнувањето на решение за две држави, Јапонија ќе биде принудена да одговори со нови мерки – рече тој.
Најновиот бран на палестинско признавање следи по израелската офанзива во Газа, која беше предизвикана од невиден напад врз Израел од страна на милитантната група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврди дека признавањето на Палестина би било награда за Хамас за тој напад, во кој, според официјалните податоци, загинаа 1.219 Израелци, претежно цивили.
За речиси две години од тогаш, во израелските воени операции загинаа 65.382 Палестинци, исто така претежно цивили, според податоците од Министерството за здравство на територијата контролирана од Хамас.
Јапонија, членка на групата Г7, е близок сојузник на Соединетите Американски Држави и е домаќин на околу 54.000 американски војници.
Во остатокот од Азија, Јужна Кореја и Сингапур сè уште не ја признале Палестина како држава. Ишиба рече дека „теророт извршен од Хамас и уништувањето што го гледаме во Газа денес длабоко потресоа многу луѓе“.
– Најважно е Палестина да може да постои на одржлив начин, во мир и меѓусебно признавање со Израел – рече Ишиба.
– Ја повикуваме Палестина да ја преземе својата улога како одговорен член на меѓународната заедница. Палестинската страна мора да воспостави систем на управување што обезбедува одговорност – додаде тој.