Прекинот на огнот во Газа повторно е на дневен ред на Советот за безбедност на ОН

Сподели со своите пријатели

Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделник ќе гласа за нова резолуција со која се повикува на „итен и одржлив прекин на непријателствата“ во Газа, додека Вашингтон покажува растечко нетрпение кон клучниот сојузник Израел.

Loading...

Како што пишува Гардијан, повикувајќи се на агенцијата АФП, гласањето доаѓа неколку дена откако САД ја блокираа претходната резолуција на Советот за безбедност со која би се барало „хуманитарен прекин на огнот“ на погодената палестинска територија.

Но, во Генералното собрание, 193-те членки на ОН гласаа со големо мнозинство за прекин на огнот, со 153 гласови за.

Новата резолуција на Советот за безбедност ја претставија арапските земји, а судбината на последниот текст се уште е неизвесна.

Новиот нацрт, подготвен од Обединетите Арапски Емирати, повикува на „итен и одржлив прекин на непријателствата за да се овозможи безбеден и непречен хуманитарен пристап до Појасот Газа“.

Таа, исто така, ја потврдува поддршката за решение за две држави во регионот и „ја нагласува важноста од обединување на Појасот Газа со Западниот Брег под палестинската управа“.

Во потегот што го критикуваа Израел и САД, нацртот не го именува експлицитно Хамас, иако повикува на „итно и безусловно ослободување на сите заложници“ и ги осудува „сите неселективни напади врз цивили“.

Советот за безбедност се најде под остри меѓународни критики за усвојувањето само една резолуција за Газа од почетокот на војната, во која 15-членото тело повика на „хуманитарни паузи“, откако пет други резолуции беа отфрлени, вклучително и две поради вето од САД.

Loading...

Според дипломатски извори, преговорите за новиот текст продолжиле во неделата во обид да се избегне нов ќорсокак, неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека Израел е во опасност да ја загуби меѓународната поддршка за неговото „недискриминирачко“ бомбардирање на Газа.

Како што пишува „Гардијан“, новата резолуција врши притисок врз САД повеќе да не го штитат Израел користејќи го своето вето како една од петте постојани членки на Советот за безбедност.

Исто така, се посочува дека повикувањето на тероризмот е дизајнирано за да се надминат приговорите на САД и Обединетото Кралство. Арапските дипломати се надеваат дека обемот на гласањето на генералното собрание и длабочината на хуманитарната криза во развој ќе ги убедат САД барем да не стават вето на резолуцијата.

Повикот за одржлив прекин на огнот е дизајниран да привлече британска поддршка откако минатиот викенд британскиот министер за надворешни работи, лордот Дејвид Камерон, повика на одржлив прекин на огнот во заедничката статија со неговата германска колешка Аналена Баербок. Но, Камерон ја дефинираше одржливоста како онаа во која Хамас повеќе не може да претставува воена закана за Израел.

Во написот се наведува дека Израел имал право да го елиминира Хамас во самоодбрана.