Висок палестински функционер вклучен во разговорите за прекин на огнот изјави за Би-Би-Си дека Катар и Египет предложиле нов план за ставање крај на војната во Газа.
Според изворот, предлогот предвидува прекин на огнот за период од пет до седум години, ослободување на сите израелски заложници во замена за палестинските затвореници, официјален крај на војната и целосно повлекување на израелските сили од Газа.
Се очекува наскоро во Каиро да пристигне висока делегација на Хамас на понатамошни разговори.
Последниот прекин на огнот пропадна пред еден месец, кога Израел повторно почна да ја бомбардира Газа.
Двете страни, Израел и Хамас, меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот.
Израел се уште не го коментирал новиот предлог на посредникот.
Хамас во Каиро ќе биде претставен од шефот на политичкиот совет Мохамед Дарвиш и главниот преговарач Калил ал Хаја.
Предлогот доаѓа само неколку дена откако Хамас ја одби израелската понуда која вклучуваше разоружување во замена за шестнеделен прекин на огнот.
Нетанјаху: Војната нема да заврши додека Хамас не биде уништен
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во саботата изјави дека војната нема да заврши додека Хамас не биде уништен и сите заложници не бидат вратени.
Хамас, од друга страна, бара Израел прво да се согласи на крајот на војната пред да ги ослободи заложниците.
Палестински извор близок до преговорите изјави за Би-Би-Си дека Хамас е подготвен да ја предаде администрацијата на Газа на некое друго палестинско тело за кое ќе се договори, или на палестинската управа од Западниот Брег или на ново раководно тело.
Нетанјаху веќе јасно стави до знаење дека палестинските власти нема да имаат никаква улога во идното управување со Газа, со која владее Хамас од 2007 година.
Иако се уште е рано да се извлечат какви било заклучоци, изворот оценил дека преговорите се сериозни и дека Хамас покажува „невидена флексибилност“.
Да потсетиме, Хамас на 7 октомври 2023 година изврши напад врз Израел во кој загинаа околу 1.200 луѓе, повеќето цивили, а 251 лице беа земени како заложници во Газа.
Израел одговори со голема воена операција во која, според Министерството за здравство под контрола на Хамас, загинаа повеќе од 51.000 Палестинци, главно цивили.
Во меѓувреме, палестинската амбасада во Каиро нареди на својот персонал, кој организираше медицинска евакуација од Газа и влез на хуманитарна помош, да се пресели со своите семејства во египетскиот град Ариш, во близина на границата со Газа.