Пратеничката од холандската либерална партија Демократи 66, Ханеке ван дер Верф, побара паметните телефони да бидат целосно забранети во сите училишта, а не само за време на часовите, како што е моментално регулирано, објави денес холандскиот RTL Nieuws, наведувајќи дека предлогот е поддржан од мнозинството во холандскиот парламент.
„Во училиштата каде што телефоните се дозволени за време на одмор, часовите често започнуваат со решавање на конфликти што се појавиле на социјалните медиуми за време на одморот. Исто така, дворовите се повеќе се користат за скролување, наместо за дружење“, рече Ван дер Верф.
Таа најави дека ќе предложи воведување на принципот „дома или на безбедно“, односно телефоните да останат дома или во училишниот сеф за време на часовите.
Како што изјави, наставниците се повеќе бараат ваков вид мерка.
Во речиси сите 1.600 средни училишта во Холандија, забраната за употреба на телефони за време на часовите, воведена на почетокот на минатата година, веќе е во сила.
Сепак, речиси половина од училиштата сè уште им дозволуваат на учениците да користат мобилни уреди за време на паузите меѓу часовите.