Неколку лица од Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово се меѓу 40те нови регистрирани случаи на коронавирус, меѓу кои и градоначалникот Максим Димитриевски.
Според засега непотврдени информации, тестиран е целиот штаб, а за дел од нив резултатите се уште не пристигнале. Неофицијално, позитивни се едно вработено лице во општината и еден претставник на СВР Куманово.
Кумановскиот градоначалник вчера првин беше на седницата на Советот на Општина Куманово каде присуствуваа најмалку 30 лица. Подоцна со него во контакт беа и премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министрите Венко Филипче и Арбр Адеми.
Освен тоа во истата просторија каде градоначалникот одржа прес конференција со претставниците на државната власт, беа најмалку 100 лица, членови на Советот на општина Куманово кои излегуваа по нивната завршена седница, бројни новинари, сниматели, фоторепортери, како и обезбедувањето на државниот врв.
Според протоколот сега дел од нив треба да заминат во самоизолација, бидејќи биле во контакт со Димитриевски, но се уште никој од надлежните институции не ги контактирал луѓето кои имале близок контакт со градоначалникот.
Претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска која вчера до Димитриевски седеше на седницата на Советот, вели дека не е тестирана, ниту дека има симптоми. Ќе ги чека насоките од надлежните и ако се препорача самоизолација ќе ја почитува мерката.
Премиерот Спасовски, според наши извори утринава ја дознал информацијата, а и тој се уште чека насоки од медицинските лица.
Во меѓувреме вицепремиерот Бујар Османи го откажа учеството на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски и ќе биде во изолација во вторник кога ќе се тестира.
Никола Ивановски