Општина Куманово упати апел до граѓаните за зголемена внимателност и совесно однесување во текот на летните месеци, поради сериозната опасност од пожари кои се закануваат на безбедноста на жителите и нивните имоти.
„Секојдневно се соочуваме со опасни ситуации, кои ја загрозуваат безбедноста на жителите на отворено, безбедноста на објектите и друго, предизвикана од пожари“, стои во соопштението од локалната самоуправа.
Во изминатиот период, кумановскиот регион беше зафатен од неколку пожари од големи размери, за чие гаснење беа потребни натчовечки напори и координирана интервенција на сите надлежни служби.
Општината апелира до сите граѓани да не ја загрозуваат својата и безбедноста на околината, да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожари, и доколку забележат сомнителни движења или пожари, веднаш да пријават на дежурните броеви 193 или 112.
Од Општина Куманово потсетуваат дека и понатаму е на сила забраната за палење отпад, ниска вегетација, стрништа и слично, а секое непочитување на оваа забрана може да има сериозни последици.
Локалните власти повторно ја повикуваат јавноста на одговорност и заедничка грижа за зачувување на животната средина и заштита од пожарите кои, како што посочуваат, во овие летни денови се особено опасни.