Пожар во пристаниште во Лос Анџелес, се запали брод со опасни материи, ангажирани 100 пожарникари

Сподели со своите пријатели

Во пристаништето во Лос Анџелес е прогласена вонредна состојба поради голем пожар на товарен брод во кој биле складирани опасни материјали, објавија локалните власти.

Повеќе од 100 пожарникари биле ангажирани во гаснењето на пожарот, но според тврдењата на локалните власти, немало жртви или повредени, објавува „Лос Анџелес Тајмс“.

Пожар на електричната инсталација бил пријавен во 18:38 часот по локално време под палубата на контејнерскиот брод „1 Хенри Хадсон“, долг 330 метри, а експлозија се слушнала кратко пред 20:00 часот, објави Противпожарната служба на Лос Анџелес.

Опасни материјали биле складирани во неколку товарни контејнери кои се запалиле, а сите пожарникари носеле заштитни одела и маски за кислород.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  САД го отфрлија барањето на ЕУ за зголемување на притисокот врз Русија

Специјално обучени екипи за опасни материјали го следат квалитетот на воздухот додека продолжуваат напорите за локализирање на пожарот во поднивоата на бродот.

Според податоците од веб-страницата „Весел Фајндер“, товарниот брод што се запалил пловел под знамето на Панама и пристигнал во пристаништето Лос Анџелес од Токио.

Во изјава на својот X профил, градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека градските власти „внимателно го следат развојот на ситуацијата“.