Реката Којнарка од денеска се чисти од градежниот шут и смет кои несовесните граѓани редовно ги фрлаат. Општина Куманово, јавните претпријатија, полицијата и невладините организации, сите се вклучени во чистењето на реката со цел градот да стане подобро место за живеење.
Паралелно со акцијата за чистење ќе се спроведе и едукативно-превентивна акција, односно со делење флаери во Средорек и местата по течението на реките ќе се информираат граѓаните за последиците кои ги оставаат врз околината со несовесното фрлање на сметот и загадување на водите.
– Едноставно Куманово е тоа, наше е, ни припаѓа на сите нам, можеби не можеме преку ноќ да зградиме и да ја реконструираме комплетната инфраструктура која е дотраена со години, но сепак можеме сите заедно како одговорни граѓани да направиме поубаво и почисто место за живеење, затоа ја користам оваа прилика да апелирам до сите граѓани, особено до граѓаните кои што живеат до речните корита, да не исфрлаат градежен шут и друг вид на отпад во речните корита или на диви депонии, едностанво ќе се соочат со дополнителни обврски кои ќе произлезат како резултат на работењето на инспекциските служби, едноставно по оваа акција ќе престанеме да опоменуваме, туку ќе постапуваме репресивно и ќе казнуваме, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.