Повисоките зони во Куманово денеска останаа без вода или со намален притисок, а причината како што информираат од Јавното претпријатие „Водовод“ се должи на намалениот доток на вода до филтер станица од хидросистемот Глажња-Липково.
Поради тоа проблеми во водоснабдувањето има во населбите Карпош, Иго Тричковиќ, Ајдучка чешма, Јане Сандански, Перо Чичо, Железничка станица, Черкези, како и горниот дел од улица „Бајрам Шабани” и околните улици кои гравитираат околу неа.
– Намалениот доток на вода до филтер станица се должи на дефект на водоводниот систем на АД Водостопанство, поради кој е затворен цевководот бај-пас Ф500, информираат од ЈП „Водовод“.
Како што додаваат оттаму, според информации добиени од АД Водостопанство, нивните екипи се на терен и активно работат на отстранување на дефектот, кој најверојатно ќе се санира во тек на денот, по што ќе се пушти дотурот на вода до филтер станица и ќе се нормализира водоснабдувањето.
– Апелираме до граѓаните да не полеваат бавчи, да не мијат автомобили и да не полнат базени. Водата треба да стигне до секој наш граѓанин, стои во соопштението.
Никола Ивановски