Повеќе од две третини од Французите – 71 процент ја поддржуваат идејата Франција да стане федерална држава, според анкетата на институтот Ifop.
Според анкетата, 68 проценти од испитаниците веруваат дека локалните власти имаат „премалку моќ во споредба со државата“, што е зголемување од 18 проценти во споредба со 2012 година, објави Фигаро.
Поддршката за децентрализација е особено изразена кај постарите граѓани, жителите на руралните средини и гласачите на лидерката на француската крајно десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен.
Мнозинството испитаници – 73 проценти ја поддржуваат можноста регионите да ги прилагодат националните закони на локалните услови, додека 68 проценти се залагаат за нова прераспределба на големите региони со цел повеќе да се земат предвид културните и историските специфичности.
Анкетата, исто така, покажува дека 77 проценти од Французите го поддржуваат официјалното признавање на регионалните јазици, а 84 проценти го поддржуваат воведувањето на регионалната историја во училишната програма.
Речиси едногласно мнозинство – 90 проценти веруваат дека централната држава е „премногу оддалечена од локалната реалност“, додека 82 проценти веруваат дека медиумите се „премногу фокусирани на Париз“.
Анкетата е спроведена онлајн од 11 до 25 јули на примерок од 2.000 граѓани над 18 години.