Низа пожари, претежно од помал карактер, биле изгаснати вчера низ Куманово, Старо Нагоричане и Липково, а активен е големиот шумски пожар во Никуштак.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, во текот на вчерашниот ден во липковското село Никуштак било интервенирано од воздух со два авиони и еден хеликоптер, но попусто, оти пожарот продолжил да се шири на поголема територија.
Гори нискостеблеста деградирана и дабова шума. На терен во текот на вчерашниот ден имало и пет вработнеи на Шумско стопанство Куманово со едно возило.
Пожарот се наоѓа на исклучително непристапен терен во планина, па гаснење од земја е скоро невозможна мисија. Огнот гори веќе се денови, но засега нема информација колку шума е пеплосана.
Полни раце работа имале и кумановските пожарникари во текот на изминатото деноноќие.
Во атарот на селата Оризаре и Слупчане во липковско интервенирале на опожарена ниска вегетација и мешана шума. Тројца пожарникари го гаснеле огнот во период од 11:15 до 13:40 часот, а во акцијата се вклучиле и тројца вработени од Шумско стопанство Куманово.
Сува трева горела првин во населбата Ајдучка Чешма. Во период од 12:40 до 14:00 часот интервенирале тројца пожарникари.
Исто толку пожарникари гаснеле запалена сува трева и во населбата Пуковско од 14:40 до 15:25 часот.
Куќа била опожарена на улицата „Тоде Мендол“. Во период од 15:40 до 16:00 часот интервенирале четворица пожарникари.
Сува трева и врби гореле во атарот на селата Шупли Камен и Доброшане. Двајца пожарникари интервенирале во период до 16:10 до 17:30 часот.
Пожар вчера имало и во атарот на селото Младо Нагоричане. Во маалото Бузинци била опожарена сува трева, а горела и кровна конструкција на плевна. Петмина пожарникари од ТППЕ Старо Нагоричане со две возила интервенирале во период од 13:20 до 15:30 часот.
Никола Ивановски