Повеќе починати од родени во второто тримесечје годинава во Североистокот

Сподели со своите пријатели

Вкупно 245 деца се родени во април, мај и јуни годинава на подрачјето на Општина Куманово, а починале 258 лица, со што природниот прираст е негативен и изнесува -13, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ова претставува значително намалување во споредба со второто тримесечје од 2018. година кога во Куманово природниот прираст беше позитивен и изнесуваше 40.

Подобрување има кај бројот на склучени бракови. Ако во вторите три месеци лани бројот на склучени бракови изнесувал 172, во второто тримесечје годинава 185 парови стапиле во брак. Се бележи раст на разводите, односно регистрирани се 12 во споредба со шестте од истиот период лани.

Највисок природен прираст на населението во шесте општини од Североисточниот регион бележи Општина Ликово, каде се родени 75 деца, а починале 33 жители. Има само два разводи и 55 нови бракови. Природниот прираст и натаму останува позитивен и изнесува 42.

Најмалку деца се родиле во Општина Старо Нагоричане, само пет. Починале 17 лица, со што природниот прираст е негативен и изнесува -12. Нема разводи, а склучени се три нови бракови.

Најголем негативен природен прираст има Кратово, -25. Во оваа општина во второто тримесечје има 6 новороденчиња, а 31 смртен случај. Склучени се осум бракови, а а еден пар се развел.

Без разводи е Општина Крива Паланка, каде 32 парови ја крунисале својата врска во брак. Се родиле 23 деца, но починале 44 жители, со што природниот прираст останува негативен.

Негативен природен прираст има и Општина Ранковце, каде се родиле девет бебиња, а починале 14 лица. Во оваа општина склучени се 4 нови бракови.

Ниту една од шестте општини нема регистрирано починато доенче во овој период.

Leave a Reply