Повеќе од три милиони Кинези се тестирани за коронавирус за два дена во деветмилионскиот град Чингдао. Кинеските власти започнаа со масовно тестирање во пристанишниот град откако регистрираа неколку случаи на Ковид-19.
Огромни редици се формираа вчера во источниот град, каде претходниот ден беа откриени шест случаи на коронавирус, но властите презедоа брза акција, пренесува Франс24.
Здравствените работници во Чингдао, во целосна заштитна облека, земаат примероци за тестирање од жителите на градот во шатори лоцирани во населбите.
Граѓаните велат дека властите ги известиле за најблиските станици за тестирање. Квартовите помагаат во организирање на собирање примероци за време на масовното тестирање.
Комисијата за здравство во Чингдао соопшти дека до 8 часот утрово, по локално време, во градот биле земени 3,08 примероци, а добиени се 1,11 милиони резултати.
Досега се потврдени шест лица со коронавирус и шест случаи без симптоми.
Градската влада соопшти дека ќе го тестира целото население на градот – околу 9,4 милиони луѓе – за пет дена откако во неделата беа откриени првите случаи во болница.
Не е објавено како резултатите ќе бидат обработени толку брзо, иако Кина може да се пофали со можностите за брзо тестирање за време на претходните епидемии.
Сања Костовска