Во Израел се пријавени повеќе од 10.000 нови случаи на инфекција со коронавирус.
Тестирани се 29.681 лице, а позитивноста на тестовите е 38,9 отсто, што е највисок процент од април, пренесува Бета.
Министерството соопшти дека 168 пациенти се во тешка состојба, 95 отсто повеќе од минатата недела. Бројката Р, која покажува колку еден заразен во просек може да зарази други луѓе, утринава изнесуваше 1,32.
Тој број се искачи над единица во средината на мај, што значи дека инфекцијата се шири, а претходно беше под тоа ниво речиси два месеци.
Од почетокот на пандемијата во Израел починале 10.908 луѓе, вклучително и 13 смртни случаи минатата недела.
Иако бројот на заразени расте веќе неколку недели, лекарите се загрижени поради зголемувањето на бројот на тешко болни во време кога земјава се соочува со ширење на новиот вид на вирусот БА.5.
Здравствените власти им рекоа на директорите на болниците дека треба да започнат подготовките за повторно отворање на одделенијата за Ковид-19.
Дополнително, се размислува за повторно воведување на одредени ограничувања, вклучително и задолжително носење маски во затворени простории и вакцинација на најмладите.