Потврдени три жаришта на болеста сипаници кај овци и кози во кумановско Лопате

Сподели со своите пријатели

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди појава на болеста сипаници кај овци и кози во општина Куманово, по што се воведени итни контролни и заштитни мерки на терен.

Првиот позитивен случај бил регистриран на 27 јануари 2026 година, по што случајот веднаш бил пријавен во европскиот систем ADIS и во системот WAHIS на Светската организација за здравје на животните (WOAH), согласно процедурите за болести од Листата А на Европската Унија.

Според официјалното Решение за контролни и заштитни мерки со архивски број 10-444-4 од 05.02.2026 година, околу зафатените одгледувалишта во селото Лопате е воспоставена заштитна зона од 3 километри и зона под надзор од 10 километри.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ученичка од Куманово нападната од свои соученици

Во овие подрачја се спроведуваат засилени контроли, движењето на животните е строго регулирано, а сточарите се навремено информирани преку ветеринарните друштва и Ветеринарната комора.

Дополнително, на 30 јануари и 2 февруари биле потврдени уште две жаришта во Лопате.

Сите заболени животни од трите одгледувалишта се нештетно уништени и закопани, во согласност со пропишаните биосигурносни мерки.

Забрана за пазари и јавни настани

Со цел спречување на ширење на болеста, АХВ ја забрани работата на сите добиточни пазари во државата за приемчиви животни, како и одржување изложби и спортски настани со ваков вид добиток. Исклучок е дозволен само за транспорт на животни кон одобрени кланици.

Во однос на млекото, суровото млеко од заштитните зони може да се пушти во промет исклучиво по термичка обработка – пастеризација на 72°C во времетраење од 15 минути, било на самото одгледувалиште или во одобрен објект.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ученик од Куманово малтретирал и наведувал соученик да скокне од прозорец

Надвор од рестриктивните зони, млекото може да се користи без дополнителни ограничувања.

Албанија воведе забрана за живи животни

Досега, официјална забрана за увоз и транзит на живи овци и кози од Македонија воведе само Албанија.

Забраната се однесува и на герминативни производи, кожи, волна и влакна, но не и на производи од животинско потекло, што значи дека извозот на јагнешко месо во Европската Унија и регионот не е доведен во прашање.

Во регионот, болеста е широко распространета – во Грција се регистрирани 1.532 жаришта, во Бугарија 129, а во Србија три.

Инкубацијата трае 21 ден

Од АХВ посочувајќи дека според стандардите на WOAH и европската легислатива, инкубациониот период на болеста изнесува 21 ден од контакт со заразено животно.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Сопруг и свекор нападнале 29-годишна кумановка

Институцијата нагласува дека не е надлежна за формирање на цената на јагнешкото месо, туку за обезбедување здравствен статус на животните преку издавање ветеринарно-здравствени сертификати, со што се олеснува извозот.

Во меѓувреме, Агенцијата работи и на исплата на заостанатите обврски кон ветеринарните друштва, паралелно со справувањето со оваа и други новопојавени болести кои не биле предвидени во годишната програма за здравствена заштита.

Надлежните апелираат сточарите строго да ги почитуваат мерките, со цел навремено локализирање и сузбивање на болеста.

Никола Ивановски