Јавното претпријатие за државни патишта го потпиша договорот за реконструкција на Искрин мост вреден 1,9 милиони евра.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, по спроведената тендерска постапка, како најповолен понудувач, градежните активности за санација на мостот ќе ги извршува компанијата „Синтек Инжинеринг“ од Скопје.
Мостот над реката Пчиња во селото Доброшане е стар повеќе децении и исто толку и необновен. Граѓаните во повеќе наврати апелираа надлежните да преземат итни мерки, бидејќи истиот започна да пропаѓа.
Реконструкцијата на овој мост е дел од рехабилитацијата на патниот правец Куманово – Свети Николе која започна минатата година.
Мостот се наоѓа над реката Пчиња на регионалниот патен правец Р1204 делница Куманово – Свети Николе, односно на 9,7 километри од Куманово.
Столбовите на мостот се армирано бетонски и нивната висина се движи од 18 до 23,5 метри. Мостот има девет распони со горен строј од спрегната челична конструкција и армиранобетонска плоча со вкупна должина од 355 метри.
Предвидената санација е според Основен проект за санација изработен од ГЕИНГ – Скопје и ревидиран од Градежен Факултет.
Неговата комплетна санација подразбира:
Комплетна санација на сите столбови со нивно проширување од 15 сантиметри по целата висина.
Комплетна санација на главните челични носачи.
Менување на лежишта со нови неопренски лежишта со ЕН стандарди
Комплетна санација на постоечката армирано бетонска плоча.
Изведба на хидролизација и нова асфалтна конструкција.
Изведба на нови дилатациони спојници по ЕН стандарди.
Изведба на нова еластична одбојна ограда по ЕН стандарди.
Потпишаниот договор на ЈП за државни патишта и фирмата изведувач е во рок на траење од 48 месеци.