Поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез, беше уапсен на барање на САД за екстрадиција и беше однесен од неговата куќа со лисици, само неколку недели откако ја напушти функцијата.
Во пренос на државната телевизија, граѓаните можеа да видат како полицајците го носат Хернандез, кој носел панцир и синџири меѓу лисиците на рацете и глуждовите, во блиската база на специјалните сили.
Поранешниот претседател потоа бил прикажан како седи на маса додека лекарите го прегледувале пред камера, пренесува Ројтерс.
Апсењето на поранешниот десничарски претседател дојде откако Врховниот суд на Хондурас нареди негово апсење врз основа на американско барање за екстрадиција под обвинение за трговија со дрога и оружје.
Додека ја чекале одлуката на судот, околу 100 полицајци ја опколиле куќата на Ернандез, а тој изјавил дека е подготвен да соработува со полицијата.
Само неколку часа откако ја напушти функцијата на 27 јануари, Хернандез се приклучи на Централноамериканскиот парламент, регионално тело во шест земји што на своите членови им дава имунитет од кривично гонење.
Имунитетот што го дава ова тело, составено од избрани функционери, како и поранешни претседатели и потпретседатели, може да биде укинат или суспендиран на барање на матичната земја на членката.
Соединетите Држави претходно го ставија Хернандез на црната листа, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен овој месец изјави дека има веродостојни извештаи дека тој бил „вмешан во значителна корупција, извршување или олеснување дела на корупција и трговија со дрога“, пренесе Танјуг.