Поранешен заменик министер и директор од Куманово меѓу уапсените во големата акција

Сподели со своите пријатели

Поренешниот заменик министер за земјоделство од Куманово, Трајан Димковски и Ниметула Рамадани, поранешен директор на Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро Берза“ се меѓу уапсените во денешната акција на ОЈО и МВР.

Двајцата, заедно со уште три лица се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување.

– На 25.11.2025 година, полициски службеници од Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ги лишија од слобода Н.Р.(51) од Куманово, поранешен директор на Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро Берза“ Скопје, Р.А.(61) од Тетово, поранешен директор на Агенцијата за стоковни резерви Скопје, Т.К.(55) од Скопје, поранешен раководител во Агенција за стоковни резерви Скопје, Т.Д.(58) од Куманово, поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и државен советник во периодот 2021-2022 година и М.П.(68) од Скопје, вешто лице, информираат од Министерството за внатрешни работи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Машко лице допирало по тело тинејџерка од Куманово

Како што додаваат, до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.4 во врска со ст.1 од КЗ.

Исто така ивршени биле претреси на пет локации во Скопје, Куманово и Тетово.

– Имено, лицата делото го сториле така што Н.Р., Р.А., Т.К. и Т.Д. во својство на овластени лица ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба на начин што иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), истите доставиле неточни податоци и информации, појаснуваат од полицијата.

Со ова дејствие, како што се наведува, лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви (чл.7 ст.2, чл.9-а, чл.12, чл.13, чл.19, чл.21 и чл.22) и изготвиле записник од 2022 година во кој дале заклучок за прифаќање отпис на кусок во количина од 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна од складиштето „Агро берза“ Скопје, кој бил доставен со информација до Влада на РСМ заради усвојување на Заклучокот од Владата, знаејќи дека кусокот се однесувал за период од 2007 – 2021 година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Сашо Томиќ нов директор на ЈП „Чистота и зеленило“

– Истите знаеле дека нема законска основа да се земе предвид тој период од причина што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираната меркантилна пченица и јачмен и во извршените контроли од Агенцијата до 2019 година, секоја година бил вршен надзор и не бил констатиран кусок, а секоја година им било доставувано решение за кало, велат од МВР.

Пријавениот М.П. како надворешен соработник, вешто лице ангажирано преку Бирото за процена постапил спротивно на одредбите од Законот за процена (чл.3 и 4) и спротивно на чл.3 од договорот за услуга склучен помеѓу пријавениот и Бирото за судски вештачења, при што изготвил вешт наод во кој внел невистините податоци, не земајќи ги во предвид сите податоци и целокупната документација од Агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агро берза“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започна изградбата на нов дел од булеварот „Октомвриска револуција“ (ФОТО)

Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.112.000 денари или 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра), која вредност преставува штета на Буџетот на РСМ.

Никола Ивановски