Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро денес објави дека добил азил во Унгарија, кој го побарал откако бил осомничен за злоупотреба на службената должност во Полска.
Тој рекол дека обвинувањата се политички мотивирани, пренесува Ројтерс.
„Решив да го искористам азилот што ми го додели унгарската влада поради политичките репресии во Полска“, напиша Зјобро на платформата X, додавајќи дека и неговата сопруга побарала азил.
Проевропската влада на премиерот Доналд Туск вети дека ќе се обиде да ги изведе пред лицето на правдата личностите поврзани со поранешната администрација на партијата Закон и правда (ПиС) обвинети за нелегални дела, пишува Ројтерс и додава дека Зјобро, најистакнатата личност што обвинителите досега ја таргетирале, е обвинет за злоупотреба на пари од Фондот за правда, наменет за помош на жртвите на криминал, вклучително и купувањето на софистицираниот шпионски систем Пегаз.
Обвинителите велат дека тоа било употребено против домашните политички противници, додека од друга страна, Зјобро тврди дека е жртва на политички лов на вештерки, бидејќи како генерален обвинител покренал истраги против луѓе блиски до Туск.
Полска го повика унгарскиот амбасадор во петокот откако се појавија извештаи дека Будимпешта им доделила азил на двајца неименувани Полјаци.
Во 2024 година, Унгарија му додели азил на поранешниот заменик-министер за правда во владата на ПиС, Марчин Романовски, кој исто така беше обвинет за злоупотреба на јавни средства, што предизвика бес во Полска, пренесува Танјуг.
Членовите на владејачката коалиција на Полска ја осудија одлуката на поранешниот министер да побара азил во странство, наместо да се соочи со обвиненија дома.
„Поранешниот министер за правда бега како кукавица од полскиот судски систем. Тотален пад!“, напиша онлајн министерот Х задолжен за специјални служби.

