Шпекулациите дека рускиот лидер Владимир Путин користи двојници постојат со години, а за нив известувале и украинските тајни служби.
Поранешниот шеф на МИ6, Ричард Дирлав, е сигурен во тоа.
Имено, тој истакна дека причината за ова е стравот од атентат.
„Ќе има прилики, и тоа ќе зависи од околностите, кога тие сигурно, од безбедносни причини, ќе користат двојник. Тоа е речиси нормална безбедносна мерка за некој како Путин, кој е многу позната цел. Имајте предвид дека атентатите се прилично чест дел од руската политика со години“, изјави тој за The Sun.
Западните претставници и експертите за безбедност велат дека ризиците се зголемиле од почетокот на војната во Украина.
Имено, Киев постојано покажува способност да напаѓа длабоко на руска територија, што ја зголемува загриженоста во Кремљ за безбедноста на Путин, особено на отворени простори или во лошо контролирани средини.
„Тој би бил цел на дрон ако точно знаеле каде се наоѓа во тој момент. Затоа мислам дека има совршена смисла тој да користи двојник во одредени околности“, вели Дирлав.
Кремљ секогаш ги отфрла ваквите тврдења како теории на заговор.
Сепак, руските безбедносни служби ги засилија протоколите околу движењата на претседателот.
Двојниците не се користат во блиска дипломатија или чувствителни состаноци, според поранешниот шеф на МИ6.
„Би било многу тешко да се реплицира Путин кога сте толку блиску. Но, да речеме дека тој шета низ фабрика за автомобили или посетува детско игралиште, особено ако станува збор за настан на отворено и новинарите се на растојание. Таму постои безбедносен ризик. Не можете да бидете сигурни дека ќе имате целосна контрола врз околината, особено од напад со беспилотно летало. Тоа се прилики кога Путин би користел двојник.“
Украинските безбедносни служби постојано тврдат дека неколку мажи со слична висина, одење и структура на лицето биле обучени да се појават на местото на Путин.
Според некои извештаи, врз основа на анализа и препознавање лица со употреба на вештачка интелигенција, Путин ја предводел парадата во Москва, но се сомнева дека го прегледал Кримскиот мост или бил на фронтовската линија во Мариупол.
Многу светски лидери користеле двојници од страв за својата безбедност или за да заштедат време.
Затоа, голем број експерти сметаат дека е логично Путин да го прави ова и во одредени околности.

