Полска денеска уапси 13 активисти кои се обидоа да уништат дел од оградата со бодликава жица долж границата со Белорусија, подигната за да спречи влез на мигранти.
Активистите изјавија дека на овој начин демонстрирале против полските власти поради „нехуманиот третман“ кон мигрантите кои сакаат да влезат во таа членка на Европската унија, пренесува Бета.
Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински го осуди потегот на демонстрантите како „апсолутно неприфатлив“ и додаде дека уапсените „ќе ги сносат сите можни правни последици за нивните постапки“.
Меѓу уапсените има 12 Полјаци и еден Холанѓанец.
Во последните недели, Полска, како и Литванија, беа погодени од зголемениот прилив на мигранти од Белорусија.
Варшава го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко дека намерно ги пуштил мигрантите од Ирак, Авганистан и други азиски земји до границите со ЕУ, во „хибридна војна“, чија цел е да предизвика нестабилност во Унијата.
Поради напливот на мигранти, Полска постави ограда со бодликава жица долж таа граница.

