Агенцијата за внатрешна безбедност доставила список од 45 руски дипломати и нивни соработници до МНР и побарала нивно протерување бидејќи, според информациите на таа служба, станува збор за агенти со дипломатско покритие.
Полското Министерство за надворешни работи го покани амбасадорот на Руската Федерација во Варшава, Сергеј Андреев, денеска да му врачи нота за протерувањето на околу 40 руски дипломати.
„Агенцијата за внатрешна безбедност посочува дека Русија делува сè поофанзивно кон Полска. Списокот од 45 лица од дипломатските кругови кои работат за руските разузнавачки служби е подготвен. Имајќи ја предвид руската политика кон Полска и руската агресија врз Украина, министерството беше побарано протерување од Полска“, изјави денеска портпаролот на координаторот на безбедносните служби Станислав Жарин.
Жарин, исто така, им кажа на новинарите дека Полјак бил уапсен на 17 март поради основани сомнежи дека шпионирал во корист на руската цивилна разузнавачка служба, за што му се заканува најмалку три години затвор.
Уапсениот бил вработен во Архивот на Варшава, а, како што рекол Жарин, имајќи предвид какви документи му стојат на располагање, било оценето дека неговата соработка со руските разузнавачки служби претставува закана за безбедноста на полската држава.