Официјална Варшава, и покрај американското зелено светло за Полска да и помогне на Украина со испраќање борбени авиони, инсистира на тоа дека таквата одлука ќе мора заеднички да ја донесе целото НАТО, а дека таквите намери не се потврдени од портпаролот на полската влада Пјотр Милер и Шефот на полското биро за национална безбедност Павел Солох.
„Ако треба да се донесе одлука за испраќање авион во Украина, мора да има договор во целото НАТО. Не сум слушнал ништо за никакво зелено светло од НАТО за ваква одлука. Нема одлука за потенцијално испраќање авиони во Украина“, изјави синоќа Милер за ТВ Полсат во врска со изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека САД и даваат зелено светло на Полска да и помогне на Украина со испраќање авиони.
Милер, портпарол на полската влада на премиерот Матеуш Моравјецки, повторно ја демантираше веста што кружи дека украинските борбени авиони би можеле да полетаат од територијата на Полска, наведувајќи дека „нема ништо такво“.
Шефот на Бирото за национална безбедност, Павел Солох, денеска за приватната полска телевизија N24 изјави дека кога се во прашање борбените авиони, нема никакви одлуки.
„Како што рече владата, не планираме да ги испратиме“, рече Солох.
Нови детали за смртта на украинскиот преговарач: Убиен е во Киев
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара од соседите и земјите од НАТО авиони како дел од помошта за испорака на оружје за Украина.
Има информации дека ловци од руско производство може да бидат испратени од Полска, Словачка и некои други источноевропски земји, како и неофицијални информации дека Полска прво бара гаранции дека ќе мора да добие Ф-16 од САД во замена за авиони донирани на Украина, што официјална Варшава демантира.
Солох, како и Милер, порачаа дека некои одлуки официјална Варшава може да донесе суверено и сама, но дека нема да донесе никаква одлука без договор во целото НАТО.
„Затворањето на небото над Украина значи дека ако на тоа небо се појават странски, непријателски авиони, читај руски, НАТО ќе се бори против нив. Тоа би значело итно започнување на конфликт со Русија. НАТО не одлучил за тоа. Ние целосно разбираме колку е трагична ситуацијата во Украина, но нема сојузничка одлука за таков чекор“, рече Солох.
Шефот на Бирото за национална безбедност предупреди дека во Украина избувнал страшен конфликт, но дека сепак не е светска војна која западните сојузници во НАТО сакаат да ја избегнат.