Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак денеска изјави дека земјата ќе префрли до 10.000 дополнителни војници на границата со Белорусија за поддршка на Граничната стража.
„На границата ќе има околу 10.000 војници, од кои 4.000 директно ќе ја поддржат граничната стража, а 6.000 ќе бидат во резерви“, изјави Блашчак, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека Полска ја придвижува војската до границата со Белорусија со цел „да го исплаши агресорот да не се осмели да не нападне“.
Заменик-министерот за внатрешни работи Мачеј Васик во средата изјави дека Полска ќе испрати дополнителни 2.000 војници на границата со Белорусија.
Полските власти се загрижени за пограничната област откако стотици борци на руската паравоена група „Вагнер“ пристигнаа во Белорусија на покана на претседателот Александар Лукашенко.
Белорусија оваа недела продолжува со воените вежби во близина на границата, а белорускиот претседател Александар Лукашенко неколку пати изјави дека ги зауздува борците на Вагнер кои сакаат да ја нападнат Полска.
Во меѓувреме, полските власти забележаа зголемување на мигрантите од Блискиот Исток и Африка кои се обидуваат да ја преминат границата во последните месеци.
Шефот на полската гранична стража, Томаш Прага, претходно изјави дека оваа година 19.000 луѓе се обиделе илегално да ја преминат полско-белоруската граница, наспроти 16.000 минатата година, пренесува Танјуг.