Половина од Европејците го гледаат Трамп како непријател, а Русија како ризик

Сподели со своите пријатели

Европејците денес живеат во атмосфера на длабока неизвесност, а резултатите од последното истражување спроведено во девет земји за париската платформа Le Grand Continent покажуваат континент кој гледа кон иднината со се помалку оптимизам.

Истражувањето, чии делови пренесува Гардијан, открива Европа која истовремено се плаши од враќањето на старите закани и се сомнева во сопствената способност да им се спротивстави.

Едно од најимпресивните откритија е дека речиси половина од испитаниците го гледаат Доналд Трамп како „непријател на Европа“.

Тој рејтинг, кој во просек изнесува околу 48 отсто во деветте анализирани земји, укажува на длабока трансформација на европската перцепција за американската политика.

Најголема недоверба кон Трамп е забележана во Белгија и Франција, додека во Хрватска и особено во Полска ставовите се многу поблаги.

Сепак, оваа различност не ја менува пошироката слика – феноменот „Трампизам“ на континентот се повеќе се доживува како политичка сила спротивна на европските интереси.

Професорот по политички науки и основач на агенцијата за истражување Cluster17, Жан-Ив Дормаген, гледа јасна дијагноза во судирот на бројки.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Украинците погодија зграда на ФСБ и базата на елитна единица на чеченските специјалци

Европа е вознемирена, свесна за сопствените слабости и опкружена со свет кој драматично се менува.

Како што истакнува, тоа е континент кој доживува „трансформација на своето историско, геополитичко и политичко опкружување“, а новата реалност ги принудува Европејците да ги преиспитаат старите претпоставки.

И покрај големата недоверба кон Трамп, односот со САД се уште се смета за столб на европската безбедност.

Речиси половина од испитаниците сметаат дека компромисот и соработката со Вашингтон е најрационален пат, што зборува за длабоко вкоренето верување дека ЕУ, и покрај повремените политички тензии, не може и не сака да функционира изолирана од својот трансатлантски сојузник.

Меѓутоа, ако односот со Америка е полн со дилеми, погледот на Русија е обоен со страв.

Мнозинството анкетирани Европејци веруваат дека ризикот од отворена војна со Русија во наредните години е голем.

Ваквиот одговор, кој би бил речиси незамислив пред само една деценија, сведочи за длабочината на промената што војната во Украина ја создаде во европската свест.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Хегсет е под истрага за споделување доверливи информации

Стравовите се најизразени во Полска, каде идејата за воен конфликт повеќе не се гледа како апстрактна можност, туку како сценарио кое мора сериозно да се разгледа.

Во таква клима на растечки закани, самодовербата на европските држави во сопствените одбранбени капацитети е драматично ниска.

Дури 69 отсто од испитаниците сметаат дека нивната земја не е способна ефикасно да се одбрани во случај на руска агресија.

Дури и Франција, единствената европска нуклеарна сила во ЕУ, не е поштедена од ова чувство – и таму верувањето во сопствената сила е само релативно малцинство.

Во Полска, земја која директно се граничи со руската сфера на влијание, недовербата во националната одбрана достигнува повеќе од половина од населението.

Сепак, и покрај стравот, песимизмот и чувството на слабост, идејата за Европската унија останува изненадувачки цврста.

Огромното мнозинство од учесниците во истражувањето сакаат нивната земја да остане во ЕУ, а поддршката е најсилна во Португалија и Шпанија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Федерика Могерини официјално обвинета за измама и корупција

Дури и во земјите со изразени евроскептични струи, како што се Полска и Франција, мнозинството граѓани не го доведуваат во прашање нивното членство во Унијата.

Ехото на британскиот „Брегзит“ е уште еден показател за новото европско расположение.

Пет години откако Обединетото Кралство ја напушти ЕУ, повеќето Европејци веруваат дека одлуката е штетна – пред сè за самите Британци.

Перцепцијата за неуспехот на Брегзит стана речиси универзално прифатена, што дополнително го зајакнува ставот дека Европската унија, и покрај нејзините недостатоци, сè уште е најбезбедната политичка рамка за земјите што ја сочинуваат.

Истражувањето, земено како целина, открива континент кој се чувствува ранлив, наполнет со сомнежи, но сепак цврсто приврзан за идејата за заедница.

Европа, како што истакнува професорот Дормаген, се нашла во „доба на опасност“ – но токму таа опасност, се чини, ги потсетува нејзините жители повеќе од кога било зошто веруваат дека припаѓаат во иста куќа.