Во Лос Анџелес, во центарот на градот е на сила полициски час, објави Си-Ен-Ен.
Полицискиот час ќе биде на сила од 20:00 до 6:00 часот по локално време и веројатно ќе трае неколку дена, изјави градоначалничката Карен Бас.
Полициската управа на Лос Анџелес доцна синоќа објави дека врши масовни апсења додека неколку демонстранти продолжуваат да се собираат во зоната на полициски час.
Најмалку 378 лица се уапсени во немирите во текот на изминатите четири дена, вклучувајќи речиси 200 лица денес, изјави началникот на полициската управа на Лос Анџелес, Џим Мекдонел.
Бас изјави дека 23 бизниси биле ограбени за време на протестот.
Во меѓувреме, федералниот суд го отфрли барањето на државата Калифорнија за итна забрана што би ја спречила интервенцијата на федералните органи за спроведување на законот, вклучително и употребата на маринците и Националната гарда.
Федералниот судија Чарлс Брејер закажа рочиште за утре.
Американските претставници изјавија дека околу 700 маринци се ставени во состојба на готовност во близина на Лос Анџелес, чекајќи дополнителни наредби додека се подложуваат на дополнителна обука за евентуално распоредување за време на протестите.
Во телевизиско обраќање, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, предупреди дека „демократијата е нападната“ и го обвини Конгресот дека „попушта“ пред американскиот претседател Доналд Трамп. „Дојде овој момент од кој се плашевме.“
„Трамп ги урива темелите поставени од нашите основачи. Конгресот повеќе не постои како противтежа. Владеењето на правото е заменето со владеењето на Дон“, рече Њусом.
По говорот, имаше остри реакции од администрацијата на Трамп.
Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чанг, објави на Xx дека Њусом е ангажиран од „губитнички тим од (поранешниот потпретседател на САД, Харис) Камала и (поранешниот претседател на САД, Џо) Бајден“, нарекувајќи ги неговите тврдења неосновани.
Заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, ја обвини Демократската партија дека сака „мигрантите да го преплават секој град во Соединетите Држави“, додека заменик-секретарката за печат на Белата куќа, Абигејл Џексон, го критикуваше Њусом за „обвинување на Трамп за сопствената неспособност“.
Гувернерот ги повика граѓаните да ја бранат демократијата, но исто така ги предупреди: „Ако ги остварите вашите права од Првиот амандман, направете го тоа мирно“.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, изјави дека Њусом „заслужува да биде политички дискредитиран“ поради своите ставови.
Протестите против рациите за имиграција се проширија во други американски градови во понеделник, вклучувајќи ги Сан Франциско и Санта Ана, Калифорнија, како и Далас и Остин, Тексас.