Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата во текот на оваа недела спроведуваат превентивни активности на повеќе локации во Куманово и во периферните населби, со цел информирање на граѓаните за официјалното започнување со работа на безбедносните камери во рамки на проектот „Safe City“.

Како што информираат од Општина Куманово, активностите се насочени кон подигање на јавната свест кај возачите и останатите учесници во сообраќајот за сообраќајните прекршоци кои ќе бидат евидентирани преку камерите, како и за висината на прекршочните санкции предвидени согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во Куманово, на возачите и на паркираните возила им се поделени и поставени официјални известувања од Министерството за внатрешни работи, во кои се наведени казните за најчестите сообраќајни прекршоци, како што се поминување на црвено светло, неправилно запирање и паркирање во населено место и надвор од него.
Дополнителни информации и насоки за санкциите се достапни и на официјалната интернет-страница на Министерството за внатрешни работи.

Од Отсекот за превенција и од Полициската станица за безбедност во сообраќајот упатуваат апел до сите возачи да се однесуваат одговорно, да ги почитуваат сообраќајните знаци и ограничувањата на брзината, со цел да се намали бројот на сообраќајни незгоди и да се спречат несакани последици.
Истовремено, од МВР потенцираат дека почитувањето на сообраќајните правила ќе придонесе и за поголема безбедност на пешаците, како и за обезбедување слободни и проодни тротоари за сите граѓани.
Никола Ивановски

