Полицијата во Кина спасила околу 1.000 мачки од камион кој се упатил кон кланица, објавија државните медиуми, спречувајќи илегална трговија во која месото од мачки се продава како свинско или јагнешко месо.
Според Си-Ен-Ен, по дојава од активисти за права на животните претходно овој месец, полицијата во Жанџијаганг, во источната кинеска провинција Џиангсу, пресретнала возило што се користело за транспорт на заробените мачки.
Без интервенција на активистите, заробените мачки веројатно би биле убиени и испратени на југот на земјата каде од нивното месо би се правеле свинско и јагнешко ражен, како и колбаси, пишува кинескиот весник „Пејпер“ цитиран од Си-Ен-Ен.
Полицијата и земјоделските власти ги сместиле спасените мачки во блиското засолниште, се вели во извештајот, додавајќи дека луѓето вклучени во бизнисот можеле да заработат 20.500 долари.
Во написот не се споменува дали некој е уапсен, ниту пак се работи за мачки скитници или домашни миленици, пренесува Танјуг.
Извештајот предизвика нов бран на загриженост за правата на животните и безбедноста на храната на кинеските социјални медиуми, при што многумина повикаа на поголема владина контрола, според Си-Ен-Ен.