Благо покачување бележат водостоите во кумановскиот регион, но нема опасност од излевања.
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, водостојот на реката Пчиња со мерна станица во атарот на селото Пелинце според денешното мерење во 12 часот изнесувал 88 сантиметри, што е покачување од 27 сантиметри споредбено со мерењата извршени во текот на вчерашниот ден. Според досегашните мерења највисок водостој Пчиња имала утринава во 8 часот кога нивото на водата изнесувало 92 сантиметри. Нависок водостој од 162 сантиметри реката Пчиња има кај Катлановска бања.
Покачен водостој има и реката Кумановка. Според мерењата извршени на пладне во атарот на селото Добрашане, висината на водостојот е 75 сантиметри, што е за 17 сантиметри повеќе споредбено со вчера. И таму највисоко ниво на вода било измерено утринава во 9 часот од 85 сантиметри.
За 14 сантиметри е повисок водостојот на Крива Река со мерна станица во крива Паланка кој вчера изнесувал 18, а денес 32 сантиметри.
Надлежните сепак смируваат. Засега нема опасност од излевање на реките, со оглед дека врнежите од денес претстануваат, а температурите ќе се намалат со што ќе се намали и интензитетот со кој се топеше снегот деновиве.