Погоден уште еден брод од флотилата за Газа, се сомневаат за напад со дрон (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Меѓународната хуманитарна иницијатива „Глобал Сумуд Флотила“ (GSF) соопшти дека еден од нејзините бродови бил погоден од беспилотно летало во пристаништето Сиди Бу Саид во Тунис – втор ваков инцидент пријавен во последните два дена.

Флотилата, која се обидува да ја пробие израелската поморска блокада и да достави хуманитарна помош во Газа, која е погодена од војна, од страна на цивилни бродови, во соопштението наведува дека сите патници и членови на екипажот се неповредени и дека бродот не претрпел сериозна штета, пишува „Гардијан“.

GSF објави видео на Инстаграм кое наводно го прикажува моментот кога светлечки објект го удира бродот, по што избувнал пожар. Автентичноста на видеото сè уште не е потврдена.

Ова е втор инцидент по ред

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Израел ја критикува ЕУ: Санкциите испраќаат лоша порака и го зајакнуваат Хамас

Еден ден претходно, групата објави дека друг нивни брод бил погоден од беспилотно летало во туниските води.

Министерството за внатрешни работи на Тунис ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека пожарот започнал во самиот брод.

Станува збор за британскиот брод Алма, кој претрпе штета на горната палуба, а истрагата е во тек.

Флотилата подоцна објави фотографија од „изгорен електронски уред“ за кој тврди дека е пронајден на палубата, велејќи дека тоа е дополнителен доказ дека бродот бил намерно цел.

Франческа Албанезе, специјалната известувачка на ОН за палестинските територии, сподели видео од запалениот брод и процени дека станува збор за напад со дрон.

„Видео доказите укажуваат дека дронот – без светла, за да не биде забележан – испуштил уред што предизвикал пожар на палубата на бродот Алма“, напиша таа на социјалните мрежи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Фон дер Лајен најави прекин на финансиската поддршка од ЕУ за Израел

Службите за итни случаи и крајбрежната стража пристигнале на местото на настанот, а сведоци на Ројтерс потврдиле присуство на патролни бродови во близина на Алма.

И покрај сè, активистите рекоа дека ќе го продолжат своето „мирно патување“ кон Газа.

„Глобалната флотила Сумуд се движи напред со решителност и сила – за да ја пробие нелегалната израелска опсада и да покаже непоколеблива солидарност со народот на Газа“, рекоа тие.

Флотилата е поддржана од делегации од 44 земји, вклучувајќи ја шведската активистка Грета Тунберг и португалската политичарка Маријана Мортагуа.

Од 2007 година, кога Хамас ја презеде власта во Газа, Израел воведе поморска блокада на енклавата, објаснувајќи дека целта е да се спречи шверцот со оружје.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Израел нареди уривање на куќите на семејствата и соседите на двајца терористи

За време на тековната војна, блокадата беше дополнително заострена, а меѓународните организации предупредуваат дека дел од населението страда од глад.

Ова не е прв пат израелските сили да ја запрат флотилата што се упатува кон Газа.

Во јуни, израелската морнарица заплени британски брод што ја превезуваше Грета Тунберг, додека во 2010 година девет турски активисти беа убиени во напад врз бродот „Мави Мармара“.

Во соопштението, ГСФ не кажа кого го смета за одговорен за најновите инциденти, но ги опиша како „организиран обид за саботажа на мисијата“.