Мнозинството граѓани на Европската Унија поддржуваат поголеми средства за национална одбрана, според резултатите од анкетата спроведена за Euraktiv од агенцијата „Polling Europe“, но поддршката е намалена во споредба со претходната анкета.
Анкетата покажа дека 67 проценти од испитаниците сега поддржуваат зголемување на трошоците за одбрана, што е намалување од седум процентни поени во однос на април 2024 година, кога поддршката беше 74 проценти.
На прв поглед, постои географска разлика во ставовите бидејќи во Јужна Европа поддршката е 59 проценти, додека во Централна и Источна Европа е 76 проценти, а во северните земји на ЕУ 73 проценти од испитаниците поддржуваат поголеми буџети за одбрана.
Полска, поради близината до Русија, има најголема поддршка, при што 86 проценти од населението силно се залага за зголемување на трошоците.
Анкетата е спроведена од 17 до 19 септември.
Кога испитаниците се поделени по политички групирања во ЕУ, најсилната поддршка за зголемување на трошоците за одбрана доаѓа од партиите од центарот и десниот центар.
Во однос на надлежноста, 48 проценти од испитаниците ја поддржуваат Европската комисија да ги координира инвестициите во одбраната, додека 41 процент веруваат дека одлуките треба да се донесуваат на национално ниво.
Кога станува збор за подготвеноста на Европа за продолжен вооружен конфликт со трета земја, 52 проценти од граѓаните веруваат дека континентот не е подготвен, 26 проценти сметаат дека ситуацијата е „донекаде подготвена“, додека истиот процент верува дека Европа „воопшто не е подготвена“.