Јавното претпријатие „Водовод“ започна со замена на старите и поставување на нови електронски водомери.

Замената на водомерите се реализира во рамки на проектот „Проект за замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на Општина Куманово“.

Како што истакна директорот на „Водовод“ Горан Стојковски на денешната прес конференција, старите водомери доведуваат до загуби на вода и погрешно читање и фактурирање што предизвикува незадоволство кај граѓаните, но и неточни податоци за потрошувачката во самото претпријатие.

Кај старите водомери, како што посочи директорот Стојковски постојат административни и технички загуби кои со новите ќе бидат надминати.
– Административни загуби се око0лу 35 отсто, а технички загуби кои се од дефекти и дотраеност на водоводна мрежа и неточна мерна техника се околу 15 отсто. На самите водомери според сите наши анализи, на републичко и европско ниво, самите водомери покажуваат неточност доколку се постари од 15 години до 15 отсто. Поради тоа преземаме чекори, првично ќе формираме реални и виртуелни водоводни зони, тоа се хомогени, територијално оделени зони со исти хидраулични карактеристики кои ќе бидат секторирани. Ќе се постават преносни ултразвучни водомери, кои заедно со софтвер ќе можат да ни овозможат менаџирање на самиот процес за да видиме колку вода во кој дел на град дистрибуираме и колку фактурираме, па да видиме дали ќе има дефекти и ќе ни дава можност да правиме дневни, месечни и годишни анализи за проток на вода и што да биде преземено за намалување на овие загуби, изјави Стојковски.
На секои осум секунди водомерите кои имаат батерија од 15 години ќе даваат сигнал за секаков проблем, но и прокот на вода. Истите даваат 100 отсто точно отчитување на потрошената вода, а граѓаните, според Стојковски ќе имаат бенефит, затоа што во една минута ќе се читаат над 200 водомери со што нема да се нарушува приватниот простор на граѓанинот, а читање ќе биде побрзо.


